Сите вести Вест

Во чекор со дигиталната иднина: Industry Meetup на ДигитМак

ДигитМак одржа Industry Meetup на 25 септември во хотелот Холидеј Ин во Скопје, во рамки на конференцијата MicroBalkans 2026 – Lending Reimagined.

Настанот беше посветен на дигиталната трансформација и можностите за унапредување на дигиталните капацитети на компаниите и институциите во Северна Македонија, со посебен фокус на примената на новите технологии во финансискиот сектор.

Во рамки на првата сесија, учесниците имаа можност да се запознаат со поддршката и услугите што ги нуди ДигитМак, како и да учествуваат во работилница посветена на дигиталната трансформација. Преку алатката Digital Maturity Assessment (DMA), компаниите и институциите имаа можност да добијат увид во своето ниво на дигитална зрелост и да ги идентификуваат областите со потенцијал за понатамошен развој.

Програмата продолжи со сесија посветена на регулаторните и технолошките промени што го обликуваат дигиталниот простор, со фокус на EU AI Act и eIDAS 2.0, односно развојот на европскиот дигитален идентитет и дигиталниот паричник.

Централниот дел од настанот беше панел-дискусијата „Дигитална Македонија и иднината на финансиските услуги – ДигитМак како предводник на дигиталната иднина“, на која се дискутираше за развојот на дигиталните технологии, вештачката интелигенција и нивната улога во трансформацијата на финансиските услуги и пристапот до финансирање.

На панелот учествуваа м-р Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација; проф. д-р Петре Ламески, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ и координатор на ДигитМак; Едмира Хана од Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА) која воедно е и асоцијативен член на ДигитМак; и проф. д-р Димитар Трајанов од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при УКИМ и координатор на Фабриката за вештачка интелигенција „Везилка“.

Разговорот ги опфати можностите што дигитализацијата и вештачката интелигенција ги отвораат за бизнис-секторот, потребата од развој на дигитални капацитети и значењето на соработката меѓу институциите, академската заедница и компаниите во создавањето на поиновативен и поконкурентен економски амбиент.

Со  овој Industry Meetup, ДигитМак уште еднаш ја истакна својата улога во поддршката на компаниите и институциите во процесот на дигитална трансформација и во поврзувањето на различните чинители околу можностите што ги носат новите дигитални технологии.

Уште вести

Прочитајте следно

Вест