Сите вести Вест

Manufacturing 2026: ДигитМак и дигиталната трансформација на производствените компании

На 30 октомври во Скопје се одржа годишната конференција „Manufacturing 2026: Transformation Towards Innovation“, организирана во рамки на меѓународниот саем ENERGO – TECHNOMA 2026. Европскиот дигитален иновациски хаб ДигитМак беше коорганизатор на настанот, заедно со Македонското здружение на металната и електроиндустријата (МАМЕИ) и Стопанската комора на Северна Македонија.

Конференцијата ги обедини претставниците на производствените компании, институциите и деловната заедница околу можностите за модернизација на производството, примена на нови технологии и зајакнување на конкурентноста на меѓународните пазари. Програмата опфати теми поврзани со извозот, дигитализацијата, одржливото производство, финансирањето и иновациите во индустријата.

Дискусиите започнаа со можностите за раст на извозот во металната и електроиндустријата, при што акцентот беше ставен на барањата на европските пазари, усогласувањето со соодветните стандарди и потребата од зголемување на продуктивноста и ефикасноста. На ова се надоврза панел-дискусијата „ПРОИЗВОДСТВО 4.0: Како EDIH можат да ја забрзаат трансформацијата“, посветена на улогата на европските дигитални иновациски хабови (EDIHs) во поддршката на компаниите при воведувањето нови технологии и унапредувањето на производствените процеси.

На панелот учествуваа Александар Стамболиев и проф. Ташко Ризов од ДигитМак, заедно со претставници на дигитални иновациски хабови од Србија и Косово и претставник од приватниот сектор. Во фокусот беа можностите за тестирање технологии пред инвестирање (Test Before Invest), развојот на дигиталните вештини потребни за современо производство и пристапот до финансиска поддршка за инвестиции во дигитални решенија.

По конференциските панели, програмата на EDIH претставниците продолжи со работна сесија со конзорциумот на ДигитМак, одржана во просториите на хабот.

Средбата беше проследена со потпишување меморандуми за разбирање (MoU) на ДигитМак со CIPS (Capital Innovation Point) и DIG-4K (Digital Innovation Gateway), со кои се поставуваат темелите за идна соработка, размена на знаења и искуства и спроведување заеднички активности во областа на дигиталната трансформација и иновациите.

Со учеството во Manufacturing 2026 и активностите со EDIH партнерите, ДигитМак придонесува кон размената на знаења и искуства за примената на дигиталните технологии во производството и кон развојот на соработката што им овозможува на компаниите полесно да ги идентификуваат и искористат можностите за дигитална трансформација.

Уште вести

Прочитајте следно