Сите вести Вест

DigitMak на европската сцена: Нашиот модел на поддршка претставен во Јилих и Дортмунд

Во текот на септември 2026 годдина, Европскиот центар за дигитални иновации – DigitMak беше претставен на две меѓународни конференции во Германија, отворајќи простор за споделување на искуствата од Северна Македонија со организации, компании и центри за дигитални иновации од поширокиот европски екосистем.

На двата настани учествуваше Александар Стамболиев – партнер во конзорциумот на ДигитМак, како и извршен директор на Business Accelerator UKIM (BAU), кој го претстави пристапот на ДигитМак кон поддршката на компании и стартапи.

ДигитМак на DEEP Startup Ecosystem Conference 2026

Првата можност за споделување на ова искуство беше DEEP Startup Ecosystem Conference 2026, одржана на 10 и 11 септември во Јулих, Германија. Конференцијата ги собра организациите, институциите и инвеститорите кои работат на развој на посилни и поповрзани стартап екосистеми, а Стамболиев учествуваше како говорник на панелот „Global Perspectives on Building Thriving Startup Ecosystems“.

Во рамки на панелот беа споделени искуства од Северна Македонија за развојот на стартап екосистемот и начинот на кој различни европски иницијативи и инструменти можат да се поврзат во поинтегриран систем на поддршка.

Посебен акцент беше ставен на моделот на ДигитМак и пристапот кон клиентот, од идентификување на потребите и проценка на дигиталната зрелост, преку насочување кон соодветните услуги, до обезбедување поддршка во областите на обука и развој на вештини, дигитализација и усвојување на вештачка интелигенција, како и пристап до финансии.

Презентацијата го истакна и значењето на поврзувањето на ДигитМак со поширокиот екосистем на поддршка, со цел компаниите и стартапите да добијат координирана поддршка според нивните конкретни потреби.

ДигитМак на EDIH DAYS @digitalweek

Само неколку дена подоцна, ова искуство беше претставено и во уште поконкретен EDIH контекст, на EDIH DAYS @digitalweek, настан кој се одржа од 15 до 17 септември во Дортмунд.

Настанот ги собра европските EDIH-ови, деловни субјекти, стартапи и други партнери од екосистемот, а ДигитМак беше дел од сесијата посветена на претставување на релевантните услуги на EDIH-овите од Западен Балкан, Украина и Молдавија, организирана во соработка со GIZ.

И тука, во центарот на презентацијата беше патот на клиентот во рамки на ДигитМак, однсно начинот на кој една компанија од првичната идентификација на потребите се насочува кон услугите и формите на поддршка што најмногу одговараат на нејзините предизвици и цели.

Покрај презентацијата на ДигитМак, учеството на двата настани овозможи директна размена на искуства со други EDIH-ови и организации од Европа, како и разговори за потенцијални партнерства и идни можности за соработка.

Со учеството на вакви меѓународни настани, ДигитМак продолжува да ја претставува Северна Македонија во европскиот иновациски екосистем, истовремено разменувајќи искуства и градејќи нови поврзувања кои можат да придонесат кон понатамошен развој на услугите за дигитална трансформација на компаниите и организациите во земјата.

Уште вести

Прочитајте следно

Вест