Сите вести Вест

Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување како дел од конзорциумот DigitMak, учествуваше на европски настан посветен на примената на вештачката интелигенција за иновации, ефикасност и одржливост

Денес, 17 септември 2026 година, Емилија Андонова од Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, како претставник на конзорциумот DigitMak, учествуваше на онлајн настанот „EDIH Services for Driving AI-Powered Innovation, Efficiency and Sustainability in Maritime“, посветен на можностите што ги нудат Европските центри за дигитални иновации (EDIH) и примената на вештачката интелигенција во процесите на дигитална и зелена трансформација.

Настанот обедини претставници на водечки Европски центри за дигитални иновации од Франција, Ирска и Турција, со цел размена на знаења, искуства и добри практики за тоа како вештачката интелигенција може да придонесе кон развој на иновативни решенија, подобрување на оперативната ефикасност и постигнување на целите за одржливост.

Посебен фокус беше ставен на можностите што EDIH мрежата им ги нуди на компаниите и организациите во процесот на дигитална трансформација, како и на потенцијалот на AI технологиите да создадат нови модели на работење и да ја зајакнат конкурентноста на европските компании.

Во рамки на програмата беа претставени EDIH Bretagne од Франција, ирската EDIH мрежа и AI EDIH Türkiye, по што следуваше тематска сесија посветена на употребата на вештачката интелигенција за поттикнување на иновациите, ефикасноста и одржливоста во ирскиот поморски екосистем. Настанот вклучи и интерактивна дискусија со учесниците, отворајќи простор за размена на искуства и идентификување можности за идна соработка.

Учеството на претставник од МИР Фондација и конзорциумот DigitMak на вакви европски настани е значајна можност за следење на најновите практики и пристапи во EDIH екосистемот, но и за воспоставување контакти и размена на искуства со организации кои работат на забрзување на дигиталната трансформација во различни европски региони. Иако настанот беше тематски насочен кон поморскиот сектор, презентираните пристапи имаат поширока применливост. Прашањата за интеграција на вештачката интелигенција, дигитализација на процесите, зголемување на продуктивноста и ефикасноста, како и создавање поодржливи деловни модели, се релевантни за компании од различни индустриски сектори. За DigitMak, ваквата размена на европско ниво претставува дополнителна можност за следење на практичните модели преку кои EDIH центрите им помагаат на малите и средните претпријатија, организациите и останатите чинители да ги препознаат и искористат придобивките од новите дигитални технологии.

Една од клучните пораки на настанот е дека вештачката интелигенција се повеќе се разгледува како практична алатка за решавање конкретни деловни и индустриски предизвици. Нејзината примена отвора можности за оптимизација на процесите, подобро користење на податоците, развој на нови услуги и решенија и поефикасно користење на ресурсите. Токму во овој контекст, Европските центри за дигитални иновации имаат важна улога како точки што ги поврзуваат компаниите, истражувачките организации, технолошките експерти и поширокиот иновациски екосистем.

Настанот беше наменет за компании, технолошки провајдери, истражувачи и други чинители заинтересирани за користење на AI за подобрување на конкурентноста и одржливоста, како и за организации кои сакаат да воспостават поблиска соработка со европската EDIH мрежа. Поврзувањето со европските EDIH екосистеми и размената на искуства со партнери од различни земји создаваат дополнителни можности за нови партнерства, трансфер на знаење и примена на успешни европски практики во локалниот иновациски и бизнис екосистем.

Уште вести

Прочитајте следно