Сите вести Вест

Фондацијата МИР учествуваше на Apply AI Summit 2026 во Брисел – европски самит посветен на примената на вештачката интелигенција

На 17 ноември 2026 година, во Брисел, Белгија, се одржа Apply AI Summit 2026, значаен европски настан организиран од Европската комисија, посветен на забрзување на примената на вештачката интелигенција (AI) во стратешките индустрии и јавниот сектор. На самитот учествуваа Габриела Костовска Богоеска, извршна директорка на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување (МИР), и Емилија Андонова, програмска координаторка во Фондацијата МИР. Двете претставнички се дел од тимот на Европскиот дигитален иновациски хаб ДигитМак (DigitMak), кој работи на поддршка на дигиталната трансформација и примената на напредни технологии, вклучително и вештачката интелигенција, во Северна Македонија.

Настанот обедини претставници на европските институции, индустријата, истражувачката и иновациската заедница, стартап-компании и креатори на политики, со заедничка цел да се поттикне поширока, одговорна и ефективна примена на вештачката интелигенција во Европа. Apply AI Summit 2026 го одбележа првиот годишен јубилеј од усвојувањето на европската стратегија Apply AI Strategy, а воедно претставуваше и завршен настан на првиот Европски месец на иновации во вештачката интелигенција (European AI Innovation Month).

Во фокусот на самитот беа можностите за примена на доверлива, иновативна и човеково-ориентирана вештачка интелигенција за зголемување на конкурентноста на европската економија. Преку тематски панел-дискусии, презентации на практични решенија и интерактивни сесии, беа опфатени повеќе стратешки области, меѓу кои здравството, енергетиката, производството, мобилноста, јавната администрација, сајбер-безбедноста и развојот на работната сила.

Посебно внимание беше посветено на европската технолошка сувереност, безбедноста на вештачката интелигенција, регулаторната рамка и можностите за поттикнување иновации преку соработка меѓу јавниот и приватниот сектор. Во рамките на програмата беше вклучена и иницијативата Apply AI Startup Award, насочена кон препознавање и промовирање на иновативни европски стартап-компании кои развиваат решенија базирани на вештачка интелигенција.

Учеството на Фондацијата МИР на овој значаен европски самит претставуваше можност за следење на најновите европски политики и трендови во областа на вештачката интелигенција, размена на искуства и воспоставување контакти со релевантни чинители од европскиот иновациски екосистем.

Ваквите активности се поврзани и со ангажманот на Фондацијата МИР во рамките на Европскиот дигитален иновациски хаб ДигитМак (DigitMak), преку кој се поддржува дигиталната трансформација на компаниите и примената на напредни дигитални технологии, вклучително и вештачката интелигенција. Преку своето учество во европските иницијативи и платформи за соработка, Фондацијата МИР продолжува да придонесува кон поврзување на домашниот иновациски екосистем со европските текови, поттикнување на иновациите и одговорна примена на новите технологии.

Повеќе информации за настанот: https://digital-strategy.ec.europa.eu/en/policies/apply-ai-summit

Уште вести

Прочитајте следно