DigitMak – нов Европски дигитален иновациски хаб

DigitMak – нов Европски дигитален иновациски хаб

Проектот European Digital Innovation Hub – DigitMak, кој започна со имплементација овој месец, претставува значаен исчекор кон позиционирање на Македонија како активен чинител во европската дигитална економија.Во рамки на почетните активности, беше одржан и конзорциумски состанок на партнерите, со што се поставија темелите за координирана и амбициозна имплементација.

Што претставува DigitMak?

DigitMak претставува модерен Европски дигитален иновациски хаб кој обединува експертиза, инфраструктура и мрежи преку здружување на DigitMak Hub во Скопје и SEEU TechPark Hub во Тетово.

Оваа синергија овозможува создавање на единствена платформа која ќе обезбеди национална покриеност и директна поддршка за бизнисите и јавниот сектор, со посебен фокус на регионите надвор од главниот град.

Во време кога примената на вештачка интелигенција станува клучен фактор за конкурентност, DigitMak ќе функционира како едношалтерски центар (one-stop shop)преку кој компаниите и институциите ќе добијат пристап до најсовремени технологии, знаење и експертска поддршка.

Услуги за компаниите и институциите

  • Test before Invest – можност компаниите да тестираат нови дигитални и AI решенија пред да инвестираат.
  • Обуки и развој на вештини - специјализирани тренинзи за вработени, менаџери и технички кадар.
  • Поддршка за пристап до финансии – помош при поврзување со инвеститори, грантови и европски фондови.
  • Вмрежување и пристап до иновациски екосистеми – поврзување со домашни и европски партнери.

Со овие услуги, DigitMak ќе им помогне на компаниите да станат поконкурентни, поефикасни и подготвени за дигиталната иднина.

Фокус на вештачка интелигенција

Посебна вредност на DigitMak е неговиот засилен фокус на вештачката интелигенција (AI). Хабот ќе обезбеди:

  • поддршка за воведување AI решенија во бизнис процесите;
  • пристап до експерти и инфраструктура за тестирање;
  • AI help desk како прва линија на поддршка за компании и институции;
  • насоки за усогласување со европските регулативи.

Преку ова, DigitMak активно ќе придонесе за побрзо прифаќање на AI во клучните сектори како и за развој на одржлив и инклузивен дигитален екосистем.

Партнери во проектот

  • Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – координатор
  • Универзитет на Југоисточна Европа, Тетово
  • Стопанската комора на Северна Македонија
  • Бизнис-технолошки акцелератор УКИМ ДОО Скопје
  • Бизнис и иновациски центар Тетово
  • Фондација за менаџмент и индустриско истражување
  • Центар за развој на Полошки плански регион
  • Стопанска комора на Северозападна Македонија

Како придружен партнер, вклучена е и Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, која ќе придонесе кон зајакнување на врските со националниот иновациски систем.

Платформа за трансформација

DigitMak не е само проект – тоа е платформа за трансформација, која ќе им овозможи на компаниите и институциите во Македонија да чекорат во чекор со европските и глобалните трендови.

Со DigitMak, компаниите добиваат партнер кој ќе им помогне да ја претворат дигитализацијата од предизвик во можност.

DigitMak event
DigitMak event
DigitMak event
DigitMak event
DigitMak event
mk_MKMK